основи елементи на систем на бленда

Зашто зум објективот не е тегла Ајвар, совет за Канонџии, Никонџии, Сонџии и сите другџии

Растурен објектив

Текст и фото Орце Поповски, Скопје 20.04.2018

Еден од најпроблематичните сервиси ми е промената на бленда кај зум објективите за Канон фотоапаратите , без разлика дали се од Сигма, од Канон,  Тамрон или Токина. Кај овој сервис мора да се растури скоро пола објектив, а кај некои и цел. Некогаш не може да се  избегне овој проблем, на пример кај професионалното секојдневно користење на објективите, но наместо да откаже за 3 години, со правилно ракување може да се пролонгира проблемот на 10-тина години,  или целосно да се избегне.

Механизам за бленда

Главниот проблем кај овој дефект е во механичкиот прекин (2) на лентата која од матичната плоча на објективот ја носи информацијата до моторот на блендата (1) кој ја затвара истата на саканата вредност.

Оваа флексибилна лента (3) си има своја граница на флексибилност, таа во процесто на зумирање постојано се движи нагоре-надоле во внатрешноста на објективот, со правилниот начин на зумирање оваа лента не трпи никаков стрес. Производителите на објективи поради запазување на високите стандарди на квалитетот не ја испорачуваат само лентата туку целиот систем на бленда, кој во некои случаи има и стаклен елемент на себе со што цената на делот енормно расте.

стакло и метал се двете, ама не се исти

Најголемо влијание има начинот на зумирање на Фотографот, имам сретнато Фотографи кои кога зумираат мислат дека во Август ја отвараат заборавената тегла Ајвар која случајно ја нашле во шпајзот додека ги барале пераите за на одмор и сега брзо брзо да лапнат лепче со Ајварче и сиренце, запнале на капачето со сета сила де лево де десно.

Ова заборавете го.

разнесен Тамрон

За да ве убедам дека зборам вистина погледнете ја оваа фотографија од еден Тамрон на Лицето Н.Н.  кое сериозно го оштетило објективот и со тоа си направило голема материјална и финансиска штета.

Овие Фотографи со нивниот начин на зумирање многу ми одговараат мене и на другите сервисери, цената на сервисираање започнува од 220 евра, а за поскапите и повеќе. Кај овој сервис не е работата само во физичка замена на оштетената бленда, туку по завршениот механички сервис на ред доаѓа и софтверскиот дел на сервисирање. Поради овој начин на зумирање освен системот на блендата страдааат и другите делови на објективот, а најмногу страдаат објективите на Тамрон. Понекогаш страда и еден од најдобрите објективи на Никон 24-70 ф2,8 кој знае да заглави на 50мм и чии сервис почнува од 350 евра па нагоре.

Чудовиштето од Лох Нес на одмор во Преспа

При процесот на зумирање не треба да запнувате со сета сила и да го удирате зумот од еден крај на друг крај, освен ако во Преспа не се појави чудовиштето од Лох Нес, а вие сте на 18мм или 24мм и мора веднаш да го свртите прстенот на зумот  на 200мм, зашто чудовиштето може да си гњурне.

корекција на преден -заден фокус

Модерните објективи се активен дел при процесот на фотографирање и заедно со апаратот учествуваат во мерењето на разни параметри како на пример во начинот на фокусирње (точка, зона, цела површина, континуирано или во една точка) и во брзината на фокусираање. Поради сите овие причини потребно е кај Сигма објективите софтверско подесување на фокусот на 3 зум позиции (милиметри-ММ) и во 4 точки на фокусирање на секоја од позициите (минимално растојание, ММ х20, ММ х40 и во бесконечност). Овој процес понекогаш временски може да биде и подолг од механичкиот сервис, мене за еден поскап објектив од Сигма ми беа потребни 2 дена за да бидам задоволен со фокусирањето, односно во 99% фокусот да биде точно на 0.

За да ви доловам како изгледа овој сервис во прилог е едно кратко видео во кое ке може  да ја видите процедурата за промена на бленда на објективот Сигма 24-70 ф2,8 за Канон, тука се неколку часа преточени во неколку минути.

https://youtu.be/J4B-UDK-Zn4

Дел од опремата за сервисирање на Сигма објективи

Поради софтверскиот дел на подесување за кој е потребно да се има специјални уреди и софтвер овој вид на сервис пожелно е да го остварите во некој од овластените сервиси за фото опрема во Македонија, за Сигма во сервисот на Пикс Плус кај сервисерот Орце (јас), за Никон во сервисот на Рефот М кај сервисерот Аце, а за Канон и Сони во сервисот Видео Дата кај золошка градина кај сервисерот Коки .

Моја препорака, од виденото во сервис, а и на сите производители на фото опрема е тоа да биде со мала сила и во континуирано движење. На овој начин повеќе ке го зачувате објективот но и ке добиете осет за процесот на зумирање и ке може да приметите кога нешто не е во ред. За да избегнете непотребни трошоци, но и да не се најдете во незгодна ситуација кога на сред фотографирање ке ви откаже блендата или нешто друго пробајте да го следите овој принцип на зумирање, верувајте ке ви биде полесно – поефтино.

Чекање - Стење, Преспанско Езеро 04.2018

Се надевам дека со моите совети кои ке ги има повеке во идните прилози, ке ви помогнам да ја зачувате вашата опрема и наместо да трошите пари по сервиси, ке може на вашето семејство да им пружите радосни моменти со некој нов објектив, филтер или светло.

Процедура на проверка на фокусната точка заедно со табела за проверка ја имам поставено на Фејсбук профилот на Пикс Плус уште минатата година.

Доколку имате некоја препорака или желба за тест на некој од фотоапаратитe, објективите, мислите дека треба да имаме видеа или поголеми фото галерии, слободно пратете порака или меил на popphotomk@gmail.com.

Добар викенд

Орце Поповски

Овластен сервисер на SIGMA - Japan