Монитор за фотографи и видеографи

текст и фотографија Орце Поповски, 2 март 2018

        Најпрвин еден краток вовед.

видови монитори

Карактеристиките кои мора да ги има еден монитор за фотографија и видео во последниве 15 години се исти, само резолуцијата и технологијата на мониторите се променети (ЦРТ, ЛЦД, ЛЕД, ИПС, ОЛЕД...), верувам дека истото ке важи и во следните 5 до 10 години, па затоа одвојте време и прочитајте го текстов за да си заштедите време и пари ,a ke можете да направите добар избор на монитор со кој лесно ке ги извршувате задачите.

Лошо корегирана фотографија

Пред повеќе години на мојот монитор од 250 евра корегирав фотографија за изложба и ја однесов за печатење , во печатницата ја прегледував на APPLE монитор и можев да си ја видам секоја корекција што сум ја направил, како некој со воден прст да ми ги размачкал боите. Фотографијата морав да си ја прекорегирам но ме заинтересира зашто на мојот монитор не се гледаа корекциите, а на APPLE мониторот се гледаа.

Така започна потрагата на светиот монитор  за фотографија.

Поради оваа случка од минатото решив овој пат да одберам правилно монитор. На едно место во некоја ревија што ја читав ,еден фотограф имаше напишано – ние фотографите сме спремни без многу размислување да потрошиме неколку илјади евра на скап апарат или објектив, но кога станува  збор за купување на монитор на кој ке ја гледаме и спремаме нашата работа и 200 евра ни се гледаат многу.

            Човекот е во право како што би рекол еден наш политичар 102,5 %, затоа јас си дадов буџет од 800 евра за промена на монитор, буџет кој мислев дека ке е и повеќе од  доволен според Македонски и пошироки стандарди, компјутерот ми е 4 години стар но е добра конфигурација И7 со 16ГБ рам ССдиск и него не го чепкам.

     За да е малку појасно тука е краток опис на карактеристиките кои мене ме интересираат, а кои се битни за што пореален приказ на фотографиите и видеото.  

1. sRGB  и Rec.709 се скоро идентични, имаат најмал спектар на бои (ги нема   потемните  тонови на боите) ,а се користат за ХД телевизија и се што е објавено на интернет.

2. ADOBE RGB 1998, се користи во печатените медиуми и и за печатење на фотографии и ова е стандардот кој мене кaко фотограф најмногу ме интересира.

3. DCI-P3 color space е стандард за филмски проектори кој е создаден да го покрива спектарот на бои на  филмот во боја, а кој APPLE го користи за своите уреди, но по опсег е помал од ADOBE RGB 1998, но има подлабоки црвени тонови.

спектар на бои

 И почнав да барам, да читам, да сурфам, да вртам телефони и да им досадувам на моите пријатели фотографи, колеги од печатници, пријатели од компјутерските фирми низ Скопје, а двете недели што јас ги потрошив за да донесам одлука за монитор за мене ке ви ги презентирам во следниов текст.

            Како секој нормален фотограф/видеограф, сакаш се, ADOBE RGB, 4К резолуција, 27 или уште подобро 32 инчи...Но кога ги видов цените на тие монитори сватив дека поради буџетот можам да бирам или резолуција од 4К (3840x2160)  со 100% sRGB  или резолуција од 2K (2560x1440) со 99% Adobe RGB, згора на тоа и видео картата ке морам да ја сменам ама за тоа подоцна.

Споредба на резолуциите

Мало објаснување за резолуциите.

  1. 2K = 3.69 мегапиксели
  2. 4K = 8,3 мегапиксели
  3. 5K = 14.75 мегапиксели
  4. 6K = 19.4 мегапиксели
  5. 8K = 33.2 мегапиксели 

Се јавував по печатници да прашам кои профили најчето ги користат, ми рекоа користат различни, какви монитори користат,најдобри – но  мониторите во поголемиот дел испадна дека се само со sRGB / Rec.709. Вртев по колеги и пријатели фотографи, добар дел ми рекоа купи си APPLE , арно ама и APPLE малку користи финта и вели “Wide Gamut Color” но тој покрива според некои тестирања од 81% до 89% на ADOBE RGB 1998, ништо од бизнисот.

За да не се збудалам од информации и за да се уверам дали има реална разлика помеѓу ADOBE RGB 1998 и sRGB / Rec.709 решив да испечатам една фотографија која ја конвертирав од NEF во JPG ,а од нејзе снимив една во профил на ADOBE RGB 1998 и една во профил на sRGB/Rec.709. Ги испечатив во две големини на две различни машини ,една 15х21.5 см, а другата А4.

Брачниот пар модри патлиџани

            По добивањето на сликите се уверив дека треба да си земам монитор кој ке го покрива максимално ADOBE RGB 1998 , со таков монитор секогаш ке бидам сигурен во изгледот на крајниот производ и нема да има место за муабети од типот – не сум јас крив, таква ми ја донесовте фотографијата. Што значи , монитор со 4К резолуцијата отпадна од играта, а во меѓувреме 5K стана нормална резолуција, а излегоа најави за монитори од 6К дури и 8К.

Фотографиите кои ги направив може да ги видите ,помалите во продавницата на ПИКС Плус во трговскиот центар Беверли Хилс, а поголемите А4 на пазарче во Ѓорче кај Данче и Маријан на тезга, А4 морав да ги пластифицирам. Кај Данче исто така може да најдете органски зеленчук и најдобриот Кочански ориз во Скопје, но за тоа во некоја друга прилика.

На светскиот пазар во Република Македонија нема многу избор и затоа се обратив во Пикс Плус за помош, јас го доставив списокот на желби на кој се наоѓаа

  1. BENQ  SW2700PT,
  2. HP Z27x ,
  3. DELL UP2716D
  4. ASUS Wide PA279Q

за жал немаше ни еден од мониторите на лагер.

LG и AOC се најголеми светски производители на екрани, па затоа не ме чуди што нивните екрани се монтирани  во поголемиот дел на мониторите со широк спектар на бои, додека пак квалитетот на прикажаните бои зависи од електро-инжењерите на производителите на монитори и електрониката која е вградена во нив.

пример на нееднакво осветлен екран

Една од најбитните работи за ови монитори со IPS технологија е “Luminance uniformity” или

На македонски кажано.

дали екранот е рамномерно осветлен или затемнет по целата површина, односно на црна фотографија да е подеднакво темен и во центарот и на периферијата , а на бела фотографија да е рамномерно осветлен во центарот и на периферијата.

фотографија со разни тонови на сиво, Парис музејот на науката

Во оваа ценовна група таа разлика е од 5 до 15% , но најмногу зависи од тоа каква среќа имаш, некои се фалат, а некои кукаат (за среќа помалку кукаат). Ова е битно да се знае за мониторот кој го имаш за да не се најдеш во ситуација да затемнуваш/осветлуваш некој дел од фотката кој си е ОК, овој проблем се решава со прегледување на делот од фотографијата кој не интересира во центарот на екранот, каде униформноста на осветлувањето е најрамномерно.

После многу читања, споредувања, но и ограничувањата од буџетот како и времето на испорака, мојот избор се сведе на BENQ  SW2700PT и DELL UP2716D, за на крај да победи DELL UP2716D поради пократко време на испорака но и разликата во цена од 95 евра, кои ке ги искористам за нова видео карта.

Зашто мора нова видео карта ?

            Додека читав ревии за мониториве, во неколку ревии пишуваше дека ако сакаш најдобар приказ и резолуција на сликата на мониторот, најдобро е да користиш “DisplayPort” или HDMI 2.0 . Мојата карта за жал е постара.    

 За појасно еве уште една табела со опис на портот и резолуцијата која тој ја подржува.

видови видео конектори и резолуции кои ги подржуваат

Mониторот DELL UP2716D ги има следниве видео влезови                                              

2 х HDMI 1.4 ports (with MHL 2.0)

1 х DP 1.2 input,

1 х MiniDP 1.2 input,

Но најважно е што има 10 битен приказ на боја само кога е приклучен на DisplayPort, или

8 и 10 битни бои

На македонски кажано.

Кај 8 битниот приказ на бои се користат 256 нијанси за приказ на една боја,                     што значи      256 х 3 (црвена, сина, зелена)= 16.777.216 бои.

 Кај 10 битниот приказ се користат 1024 нијанси за приказ на една боја,                             што значи             1024 х 3 (црвена, сина, зелена)= 1.073.741.824 бои.

Поради се ова  морав да барам видео карта со тој порт, но и со техничка подршка за мониторите од блиската иднина. Нормално срце јуначко нема да издржи повеке од година две и ке мора да се зема тогаш барем 4К или 5К монитор кој не мора да биде со спектар од ADOBE RGB 1998 ,нели.

                Поради помалата потрошувчка на енергија и помалото загревање , но и како гејмер во привремена пензија ја одбрав картицата од NVIDIA Gigabyte PCX GeForce GTX 1060 Ti G1 Gaming 3GB GDDR5 DVI/1xHDMI/3xDP DX12 RGB OC WINDFORCE 2X.       

Оваа видео карта ги има следниве видео излези

Output: Dual-link DVI-D *1

HDMI-2.0b*1 (Max Resolution: 4096x2160 @60 Hz)

Display Port-1.4 *3 (Max Resolution: 7680x4320 @60 Hz)              

Поврзувањето ке биде на Display Port-1.4 , а доколку во иднина купам друг монитор кој би бил 5К или повеке и тој ке биде поврзан на Display Port-1.4

мноооогу долга видео карта и нејзиното КНАП сместување

При купување на видео карта внимавајте на нејзината големина бидејки ако имате некое помало куќиште може да се случи да не ви ја собере. Внимавајте и на јачината на вашето напојување, ови карти кога играте знаат да бидат големи потрошувачи на енергија, а со тоа да го оптоваруваат напојувањето кое доколку е слабо може да ви го ресетира компјутерот.

Кратка математика

   49.200 денари буџет = (денарски кредит)

- 15.200 денари видео карта

- 34.000 денари монитор                                        

     3.000 денари  остаток потребен за честење, за да тргнит како што требит.

                По пристигнувањето на мониторот и видео картата, имав кратка потрага низ Скопје по 8 пински кабел за напонско напојување на видео картата, бидејки без него нема да работи, а таков кабел во кутијата немаше !!!!!!!!!!!!

успеав се да поврзам и конечно можам да кажам дека прогледав, за првпат успеав да ги видам моите фотографии во вистински бои и светло. Стариот монитор продолжив да го користам како контролен за фотографиите кои ке бидат наменети само за интернет.

Моето работно место

               Но после цело местење да не го заборавиме и калибрирањето на мониторот кое најдобро е да ви го направи некој пријател кој има печатница, бидејки и калибраторите не се воопшто ефтини. најновите монитори може информацијата од калибрирањето да ја зачуваат во нив и да не зависат од видео картата која ја користите. Но за калибрирање ке пишувам во некоја друга прилика.

                Затоа на секој поозбилен фотограф му препорачувам парите наменети за следниот објектив да ги префрли за купување на монитор со комплетна покриеност на ADOBE RGB спектарот на бои, верувајте ке се преродите.

                Во овој текст јас лично како автор ги изнесувам моите размислувања и заклучоци, како и искуството и проблемите со кои сум се сретнал во светскиот пазар во Р. Македонија.  Нема многу длабоки и технички анализи зашто мислам дека нема потреба да се замараме ни јас ни вие.

                Идејата ми беше да ви ги скратам маките барем малку, да имате некоја насока за купување, во секој случај тука е GOOGLE секогаш може да побарата информација повеќе.

Поздрав

Орце Поповски