Спремен за патување

Canon EOS M5 , елегантно решение за секое патување

Спремен за патување

текст и фотографија Орце Поповски, 16 март 2018

Кога цело време возиш џип, на автомобилите како Мини почнуваш да гледаш со потсмев, што е комплетно погрешен пристап. Таков е и односот на голем дел од фотографите према овој апарат, и тоа е погрешно. Како што мини е наменет за луѓе кои знаат што сакаат, кои се млади во душа и тело, сакаат да се движат со леснотија низ урбаната џунгла и немаат потреба од голем багаж за да носат колички за деца, санки и други тракатанци кои ги наметнува фамилијарниот живот, и оваа комбинација на апарат и објектив е наменета за нив.

Овој апарат е во групата “mirrorless” односно го нема огледалото, призмата и сензорот за фокусирање. Канон подолго време ја игнорираше оваа категорија на апарати и сега брза да се приклучи на групата која убедливо ја води Сони.  Затоа во овој апарат имат ставено квалитетни компоненти         

  1. APS-C Cmos сензор од 24 мега пиксели
  2. 3,2 инчен екран кој може да се движи горе доле
  3. ХД видео 1080р

цвет на орхидеа, фотографиран од рака f6,3 1/25 iso100

 Сензорот е ни е познат од  Canon EOS 80D, со осетливост на ИСО од 100 до 25.000, што гарантира одлични фотографии и топли бои, какви што има само Канон, а во што може да се уверите во фотографијата на цветот од една од моите орхидеи.  Со можноста да снимате JPG и RAW фајлови ослободени сте од стравот дека може да погрешите во некој сетап при фотографирањето, може да ја корегирате белата боја (баланс на бело), може да затемните или осветлите некоја фотографија, или ништо да не правите доколку JPG фајлот е ОК.

ISO 100 до ISO 25600, двојно зголемено

Бидејки сензорот е од новата генерација на Канон можете без никаков проблем да фотографирате со ИСО1600, кај вредностите над ИСО 1600 до ИСО 3200 се приметува малку шум во боите, додека деталите почнуваат да страдаат над вредностите од ИСО 6400. Но доклу фотографиите ви се наменети за објавување на интернет или ке печатите фотографии од мал формат оваа ке може да го приметат само добро истренирани очи на некој искусен фотограф. Разликата во големината на дигиталниот шум може да се види во делот од цветот кој е во сенка.

 Може да се фотографираат 7 фотографии во секунда со активен фокус и мерење на светлото до 31 фајл, а потоа брзината се намалува на 4 фотографии во секунда се додека не се наполни картицата или 9 фотографии во секунда со заклучен фокус и мерење, максимално може да се фотографираат 26 ЈПГ. Или на Македонски кажано, и повеќе од доволно за секој поозбилен фотограф.

Хартиен змеј над Скопје, многу ретка ѕверка

Системот за фокусирање се наоѓа на сензорот, а е од типот Dual Pixel CMOS AF со 49 фокусни точки и е во комбинација со новиот DIGIC7 процесорот. Оваа комбинација работи одлично, но понекогаш на апаратот му е потребно малку повеке време да исфокусира. Ова мислам дека инжењерите од Канон ке го средат во некоја следена верзија на софтверот. Кога ке го лоцира предметот на фокусирање тогаш системот не го испушта  се до крајот на фотографирањето, понекогаш знае и да згреши но ако се земе во предвид дека фотографирав птици и змаеви, може да му се прости и по некоја грешка.

Врапче во рака или чапља на небо

За сите ке биде многу природна и опцијата за селектирање на фокусни точки преку екранот осетлив на допир, дури и при снимање на видео може да селектирате точки на фокусирање и апаратот сам да го префрли фокусот со мазна транзиција. Имав смешна ситуација кога гледав низ Електронскиот прегледник (ВЈУФАЈНДЕР) со носот го допирав големиот екран, а со тоа ја менував точката на фокусирање, дури по некое време почнав со нос да фокусирам, среќа не бев настинат. Овој проблем се реши со помош на опцијата за селекција на пола екран за фокусирање, постојат можности за повеќе селекции но јас одбрав десната страна и многу природно се селектираше со палецот.

Можност за селектирање на осетливост на екранот, наместете ја за да не фокусирате со носот

Електронскиот прегледник (ВЈУФАЈНДЕР) е одличен со фрекфенција на освежување од 120Хц и е прегледен со добар распоред на информациите, така да за сите оние како мене научени да гледаат низ призмата се е природно.

Екранот е осетлив на допир и со негова помош многу лесно може да се контролира работата на апаратот како и да се подесуваат разните параметри. Со резолуција од 1.620.00 точки, овозможува лесна прегледност на фотографиите и проверка на фокусот.

позиции на екранот

Се движи нагоре за 90 степени, оваа позиција е ограничена поради електронскиот екран кој е испакнат наназат. Опцијата за надоле 180 степени не ми е баш најјасна бидејки ако сакаш селфи да правиш треба да го поставиш на трипод, а тогаш нема да може да го отвориш целосно екранот поради папучата за стативот, а ако го свртиш наопаку чудно ке те гледаат другите. Но битно е да се знае дека го има па можеби во некоја чудна ситуација ке ти затреба.

опсег на објективот Canon EF-M 18-150mm f/3.5-6.3 IS STM од 18мм до 150мм

Ова е апарат со можност за промена на објективите, но од мое лично искуство кога купуваш мал апарат не го купуваш за да менуваш објективи, туку да си лесен и опремен со комплетен пакет за фотографирање во разни ситуации. Објективот кој дојде со апаратот е Canon EF-M 18-150mm f/3.5-6.3 IS STM односно кај апарат со голем сензор е 28 – 240мм , повеќе од доволно за било која ситуација во која може да се најдете. Подобро би било кога би бил и светлосно поосетлив, барем со константен отвор на бленда од Ф4. Но и вака е како швајцарско ноже, стабилизаторот на слика овозможува да се компензира делумно блендата која веке од 50мм е Ф5,6 ,а од 60мм па се до 150мм е ф6,3. Изборот на објективи е малку ограничен, но кога јас би бирал би го земал и Canon EF-M 11-22mm f/4-5.6 IS STM и би имал идеален комплет за патување.

Заедно со овој апарат го добив и адаптерот Canon EF-EOS M со кој може да се прикачи било кој  EF или EF-S објектив на М5, но и тука веќе како кај Сони се губи смислата на поседување на мал апарат на кој ке закачувате големи објективи, пак ке завршите со торба тешка неколку килограми. Но и цената на адаптерот не е за потценување.

распоред на командните копчиња

Со својот изглед овој апарат потсетува на некој голем ДСЛР од линијата на Канон, распоредот на копчиња е одличен иако е мало телото. На горната плоча кај дугмето за фотографирање се наоѓа прстен со кој се регулира вредноста која ни е промелнива, односно отворот на блендата или брзина на фотографирање.

Градскиот парк со првиот снег, зголемено осветлувањето за 1,5 бленди

До него е и прстенот со кој можеме мануелно да наместиме дали фотографијата да ни биде посветла или потемна, а се користи во случаеви кога имаме јако светло од позадина или некоја друга ситуација која го лаже сензорот, како на пример скопскиот снег, оваа вредност се движи од +3 до -3 бленди.

На последниот прстен се наоѓа и прекинувач со кој може да бираме дали ке менуваме ИСО осетливост или Баланс на Бело, а во случај на мануелно фотографирање се менува вредноста на отворот на блендата. Да не го заборавам блицот кој се  покажа како доста корисен во разни ситуации каде не е доволно светло или треба да се фотографира нешто брзо, како деца на роденден.

роденденот на Даниел

На десната страна е округлиот прекинувач на кој се наредени опциите за работа со можност на меморирање на две лични сетирања за фотографирање.

екранот со информации за видеото кое се снима и една од опциите за снимање видео

Видеото се сведува на снимање со максимален квалитет од ХД од 1080р со 50 слики во секунда за ПАЛ стандардот и 60 слики во секунда за НТСЦ стандардот. Во време кога и поновите мобилни телефони имаат 4К видеоа, се чудам зашто не го вклучиле и тој формат во овој модел кога Канон беше прв производител кој го вклучи видеото во ДСЛР апаратите. Да не ме сватите погрешно, ХД видеото си одлично и за голем дел од корисниците ке биде и повеќе од доволно, бидејки 4К видеата бараат и помоќни копмјутери за да се обработат. Доколку го имаше 4К на овој апарат тогаш ке беше рамо до рамо со производите на Сони, Фуџи и Панасоник, вака сите оние кои имаат потреба од 4К видео едноставно ке го прескокнат.

Батеријата на овој апарат е мала и затоа препорачувам да си носите уште една резервна со вас за да не се мислите дали ке може да сликате цел ден или не. Но ова правило за резервна батерија важи за секој апарат и поозбилен фотограф.

Можности за поврзување на апаратот

Можноста за поврзување на овој апарат со вашиот мобилен телефон и лаптоп компјутер е одлична. На оваа конективност на апаратите Канон и посветува големо внимание во ова се уверив уште на првиот тест на Canon EOS 1300 , кој може да го прочитате на следниов линк http://popphoto.mk/blogentry/na-svoeto-mesto-spremen-fotografira-canon-eos-1300d,

новиот снег, детска радост

За крај само да кажам дека Канон со овој апарат навлегува поозбилно во водите на "Mirrorless" апаратите, и како што велат дека во блиска иднина ке настапат поагресивно со нови модели и поголем избор на објективи за нив. Јас на моите тест сесии , со него успеав да направам убави и драги фотографии, секако дека и овој апарат бара да седнете со 5, 6 кафиња да го прочитате упатството.

Пред неколу недели Канон го најави и најновиот апарато од ова семејство во кој има 4К видео, екранот е подобро решен, но другото е горе/доле се исто со М5.

Ситно ама динамитно

Затоа ако ви треба нешто мало и симпатично, моќно по своите карактеристики, а не ви треба 4К видео топло ви го препорачувам овој апарат со неговиот објектив со кој ке може да ги забележите сите патувања и збиднувања со леснотија и без тежината на ранец од 10 килограми.

во продолжение е линкот до страната на Пикс Плус.

http://www.pixplus.com.mk/canon-eos-m5-mirrorless-digital-camera-with-18-150mm-lens.html

со почит

Орце Поповски