500 Македонски нијанси сиво, само на врвот сјајно

Nikon D850 Апарат за сите прилики, но не за секого

текст и фотографии Орце Поповски,  Скопје 31,01,2018

Врвот Пелистер сликан од Нижеполе, ИСО 64

Во организација на РефотМ ,на 21 Септември 2017 во МКЦ се одржа една многу добра презентација на најновиот фотоапарат на Nikon – Nikon  D850, за жал јас морав да ја напуштам порано.

            Тоа за мене беше како во осумдесетите кога еден другар не викна на пробување на специјални  чоколади кои татко му ги имаше донесено од Германија – Милка и Киндер јајца. Јас прв отидов кај него, ги видов на маса, возбудата расте ,се мислам што ке падне во јајцето и додека ги чекаме сите да дојдат, мајка ми  ме повика дома да си напишам домашна – ти иде да пукнеш. Но бидејки тие ти се вистински другари, ти чуваат по малку од се за другиот ден да пробаш. И тој ден дојде за Nikon –D850, кој го добив во комбинација со Nikon AF-S FX NIKKOR 24-70mm f/2.8G ED од пријателите од РефотМ.

Nikon –D850,со Nikon AF-S FX NIKKOR 24-70mm f/2.8G ED

За мене еден од најчудните моменти на ревиите кои ги читам е делот кога ке напишат :Апаратот на тестот во нашата лабораторија ги покажа следите резултати...: АЛОООО кој слика во лабораторија освен ако не е за сток-фотографија. Бидејки мене ,а верувам и Вас ве интересира како ќе се однесува овој апарат во вистински услови на фотографирање решив со него да пропатувам низ Македонија, со него сликав пејсажи во Преспа, Нижеполе, Крушевската Корија, Мариово, улични фотографии во Битола, Прилеп и Крушево, а бидејки овој апарат ке го користат воглавно професионалци, сликав и снимав две Василичарски свадби едната на маскенбалот во Вевчани  и другата во Лешани - славна Дебарца, потешки и позабавни задачи нема

Василичари во посета на еден дом, Лешани - Славна Дебарца

На овие настани ги тестирав до максимум најважните технолошки новини во овој апарат – неговиот нов сензор од голем формат со 45,7 МР, ISO64, систем на фокусирање "153-Point Multi-CAM 20K Autofocus System" кој го презема од нивниот  најдобар апарат Nikon  D5, променетиот механизам на системот на огледалото, брзината од 7 фотографии во секунда, екранот на допир како и видеото во 4К резолуција од скоро 150Мб/сек.

Најсложениот момент за системот за фокусирање, во правоаголникот се гледа дека колата е во фокус на почетокот и на крајот

За тестирање на крајните граници на системот на фокусирање "153-Point Multi-CAM 20K Autofocus System" го користев објективот  Sigma 100-400mm f/5-6.3 DG OS HSM C, кој многу често беше на 400мм. Еден од најтешките начини на фотографирање е кога фотографирам автомобил во движење во спротивната лента, а од другата насока доаѓаат други автомобили, тогаш системот за фокусирање често се збунува и се префрла на другиот автомобил. За тест го искористив мостот Обединети Нации во Влае, каде оградата е проблематична, но како што може да се види од сликите дури и кога се сликаат автомобилите од подалечната лента низ 3 огради , системот на следење на објектот работи одлично и скоро 70% од фотографиите се во фокус, да не заборавиме дека се ова се случува на 400мм со 45.7 МР.

тестирање на фокусниот систем со движење кон и од апаратот

За движење кон и од апаратот ми помогна мојот син Бодан, кој леташе на тротинетот напред назад по кеј, но пак имав голем процент на фотографии во фокус. Ова за Nikon  D800 беше незамисливо, а за Nikon  D810 процентот на успешни фотографии беше обратен. За ова може да кажам само одличен 5.

Врвот Пелистер фотографиран од патот за Крушево, пред Мечкин Камен

За пејсажите сликав од рака но користев и статив, зборови не се потребни. Кога сликав на ISO64 поради лошото светло често користев статив, и да Ви кажам една од моите најдраги фотографии е на врвот Пелистер , ја направив од статив на 400мм и ISO64, каде може доколку сакате и да ги броите дрвјата, фајлот е со квалитет како да е од камера со среден формат, кои се со цена од 8.000 евра па нагоре.

Последниот летач, заливот на Коските, Градиште Охрид

Другата моја драга пејсажна фотографија ја направив фотографирана од рака кај Заливот на Коските – Градиште. Фокусот е одличен и галебот е во фокус во услови на контра светло и на 400мм фокусна должина. Имам повеке фотографии од птици во лет и многу голем дел од нив се во фокус, системот за фокусирање од моментот кога ке ја лоцира птицата многу тешко ја губи од фокус, пример за тоа е фотографијата на галебот и изсечокот од таа фотографија. Мекоста на фотографијата се должи на оптиката на објективот.

Галеб во лет, Градиште Охрид оригинална големина на фотографијата
иссечок со големина 1920х1080 пиксели

            Дури и оние кои се занимаваат со астро фотографија може да ги користат одличните карактеристики на овој сензор, а тоа може да се види од ноќното небо над Ѓавато.

Млечниот пат, Ѓавато на патот Битола Ресен

            Интересна можност за сите кои се љубители на макро-фотографијата,( знам дека кај нас има одлични макро фотографи како Велијан Јагев) е и опцијата за правење на повеќе фотографии со промена на фокусната оддалеченост. Со ова се олеснува спојувањето на фоторафиите и се намалува потребата од носење на посебна опрема.

Василичарите се спремаат за Вевчанскиот карневал

За фотографирање на маскенбалот во Вевчани по повод Василица ги користев комбинациите Nikon D850 во комбинација со Nikon AF-S FX NIKKOR 24-70mm f/2.8G ED со блицот  NIKON SB910 и Nikon D750 во комбинација со Sigma 12-24mm f4 ART. Поради начинот на кој се одвиваат настаните на карневалот потребно е да се фотографира со поголема брзина и поради тоа ја зголемив вредноста на ИСО-то, и повторно имав процентуално голем дел на успешни фотографии кои може да ги видите во албумите на фејсбук посветени на овој настан.

https://www.facebook.com/pg/popphotomk/photos/?tab=album&album_id=683417628712476

На 14 Јануари на денот на палење на маските врнеше ситен дожд, но тој не представуваше проблем за Nikon D850 во комбинација со Nikon AF-S FX NIKKOR 24-70mm f/2.8G ED и блицот  NIKON SB910, бидејки како професионални уреди сите се со заштита од влага и дожд. Бидејки сликав од горен агол со кренати раце и апаратот во воздух, од голема помош ми беше флексибилниот екран и опцијата за одбирање на фокусна точка преку него, бидејки е осетлив на допир. Само со притискање на екранот на точката на интерес , фокусот веднаш се префрла таму и дури постои можност и веднаш и да фотографира, на овој начин се се одвива многу побрзо и поточно.

https://www.facebook.com/pg/popphotomk/photos/?tab=album&album_id=683432182044354

Една од интересните опции за фотографирање кога се користи начинот на работа Qc со вклучена опција за фотографирање со задоцнување од 0,2 секунди по кревањето на огледалото. На овој начин се елиминираат можните проблеми од ударот кој настанува со подигање на огледалото пред да се фотографира. Начинот на работа е сличен како при користење на опциата “Mirror Up” но само со едно притискање за фотографирање. Оваа опција ја користев неколку пати кога сликав од рака со Sigma 100-400mm f/5-6.3 DG OS HSM C, ама потоа не ја користев и сликав најнормално.

Бесшумното фотографирање на овој апарат е навистина такво, јас морав да гледам во дисплејот и да ја прегледувам фотографијата за да се уверам дека навистина фотографирал апаратот. Со овој начин на фотографирање никаде нема да ве приметат дека сте направиле фотографија.

            За тест на видеото во денски услови снимав сегде по малку, но нај екстремниот тест беше во Лешани вечерта.  Го наместив апаратот автоматски да го мести ИСО-то со највисока вредност од 12.000 поради снимањето без помошно светло. Го користев со Nikon AF-S FX NIKKOR 24-70mm f/2.8G ED ,а за тон микрофонот Hahnel MK200 Pro. Само во неколку ситуации на екранот се појави ИСО 12.000. Видеото од е добро ,никоновиот видео фајл е со поголема количина на информации, односно со скоро 150Мб/сек. Постои и можноста за снимање на надворешен уред на некомпресирано видео.  Единствен проблем кој јас почнувам да ги имам е недостатокот од место на дисковите како и потребата од поголеми мемориски карти.

            Видеото е во 4К со кодек Н.264  и може да го погледнете на следниов линк

Ја искористив и опцијата за "Time-Lapse" односно континуирано сликање на фотографии со големина од 45,7 МР од кои можеш да направиш 8К видео, кое за жал не можеш да го гледаш никаде кај нас, но како инвестиција во иднината е интересен момент. Најдобро од се е што може да го наместиш апаратот да фотографира 450 фотографии на растојание од 5 секунди ,со што добиваш 8К видео од 18 секунди со 25 фотографии во секунда. Ова го користев неколку пати но најпрактично излезе кога го фотографирав зајдисонцето во Стење на Преспанско езеро. Јас во топло кај Ристе во ресторанот РИВА уживав во свежиот крап и го набљудував апаратот кој го наместив на плажата во кабината на спасувачот како континуирано фотографира. После одличниот ручекот имав видео од 18 секунди во 8К резолуција, и избор од 450 фотографии од 45,7 МР во RAW формат од кои можев да ја изберам најдобрата. Но во ова задоволство не можев да си го приуштам во Нижеполе и Мариово каде заедно со апаратот го трпевме студот.

https://www.youtube.com/watch?v=HvuVR_lWArQ

еден кадар од time Lapse видеото од Стење

За првото видео од Нижеполе ги намалив фотографиите на 4096 пиксели долгата страна, и тоа намалување траеше кај мене 20 тина минути, а рендерирањето 1 минута. За второто видео ги користев оригиналните ЈПГ фајлови од 46,7 МР кои ги намалив во Адобе премиер, а рендерирањето траеше помалку од 10 минути. Но најдобро поминав со рендерирање на најмалите ЈПГ фајлови креирани од апаратот.

Зетот, невестата и еден од сватовите на оро, Василица/ Лешани - Славна Дебарца

Батеријата е EN-EL15a и е одлична, но доброто е што можете да ги користите и постарите батерии кои ги користат уште од моделите Nikon D7000, D7100,D7200, D800, D810.. Со што немате потреба купување дополнителна батерија. Добро е да сте со 2 батерии бидејки видеото ги троши батериите побрзо, јас во Лешани за 5 часа снимање на настан искористив 2 батерии. Повеќе од Лешанската свадба може да видите на следниов линк.

https://www.facebook.com/pg/popphotomk/photos/?tab=album&album_id=682336242153948

Овој апарат има два слота за мемориски картички и тоа 1 XQD  и 1 SD, јас користев SD картицата од  SanDisk 128GB Extreme PRO UHS-I SDXC , која има брзина на запишување од 90МВ во секунта. Другите карти со брзина на запишување од 45МВ во секунта функционираа за фотографирање но не и за снимање на видео, моја препорака е доколку снимате и видео за “Love Story” со овој апарат да планирате купување на побрзи SD или XQD карти .

Можноста за поврзување со мобилен уред не е променета во однос на другите модели на Никон, сакам да кажам дека тоа е дел кој треба да се доработи поозбилно.

Со наместен фокус на секој фиксен објектив, Вие сте сигурни дека фокусот ке биде во очите или запчето

За крај после двонеделното дружење со  Nikon D850 можам да кажам дека на инжењерите во Никон им биле одврзани рацете кога го правеле овој апарат, скоро сите желби на фотографите се исполнети, сите недостатоци од предходните модели се отстранети или подобрени. Како уред наменет првенствено за фотографирање, фотографиите се со одличен квалитет, голем динамички опсег и јас немам никакви замерки, а од приложените фотографии може да видите и Вие. Поради големата резолуција од 45,7 МР доколку користите ултрабрзи објективи со бленда од Ф 1,4 пожелно е да ја искористите опцијата за микро  -подесување на фокусот, со што ке бидете сигурни дека кога ке фотографирате на Ф1,4 фокусот ке ви биде на очите, а не на ушите или носот.

Спомен куќата која била оружарница за време на Крушевска Република

ИСО осетливоста е одлична, слободно може да се опуштите до 6400, за повеке треба да внимавате за што ке ја користите фотографијата.

Во коментарите за цената имаше изјави од едно момче дека подобро ке биде ако си купи автомобил, се прашувам кој волшебник ке му прави фотогафии од свадбата со автомобил или можеби нема да има фотограф туку ке си вози автомобил, а како си поминале на свадбата ке им раскажува или ке им црта на децата и внуците. Ова е апарат за професионалци, односно за сите оние кои живеат од фотографијата и видеото. Со овој апарат сите оние кои фотографираат и снимаат за сток фотографија, си обезбедиле актуелност и присуство во следните 10 години. Сите оние кои фотографираат свадби, иако немаат потреба од 45,7МР но ке бидат сигурни дека ке имаат уред кој нема да ги изневери и кој ке им даде перфектни фотографии од кои ако сакаат младите можат да направат и билборд.

Сребро во езерото, Змиски остров Преспанско езеро на 400мм

За да ги искористите најдобро најголемиот дел од опциите за фотографирање  и да добиете одлични крајни производи, овој апарат бара озбилно проучување на упатството за користење, како и пробување на опциите кои ги нуди, ај да не речам вежбање. Ова е озбилно сватено и од страна на Никон, кој веке неколку години ја има апликацијата за мобилни телефони на која може да ги симнете сите упатства кои ви требаат.  За овој апарат може да се пишува уште многу но јас мислам дека ги покрив најбитните новини кои ни ги донесе. Јас почнувам да штедам пари и се надева за година две ке можам да го купам, па макар и половен.

Костурите на едно лето, Преспанско езеро

Им благодарам на соработката на РефотМ и ПиксПлус, доколку имате било какви прашања слободно прашајте. На следниве линкови ги имате сите производи за кои станува збор во текстот.

http://www.pixplus.com.mk/photography/digital-cameras/dslr-cameras/nikon-d850-dslr-camera-body-only.html

http://www.pixplus.com.mk/photography/lenses/slr-lenses/nikkor-af-s-24-70mm-f-2-8g-ed.html

http://www.pixplus.com.mk/photography/lenses/slr-lenses/sigma-100-400mm-f-5-6-3-dg-os-hsm-contemporary-lens-for-nikon.html

http://www.pixplus.com.mk/photography/camera-accessories/memory-cards/xqd-memory-card/sony-64gb-xqd-m-series-memory-card.html

http://www.pixplus.com.mk/sandisk-128gb-extreme-pro-uhs-i-sdxc-memory-card-v30.html

http://www.pixplus.com.mk/hahnel-mk200-pro-microphone.html

http://www.pixplus.com.mk/sigma-12-24mm-f-4-dg-hsm-art-lens-for-nikon-f.html

http://www.pixplus.com.mk/nikon-d750-body.html

за повеќе детали окулу техничките карактеристики на апаратот Nikon D850 може да видите се на следниов линк-

https://www.europe-nikon.com/en_GB/product/digital-cameras/slr/professional/d850/camera-overview